Германскиот канцелар Олаф Шолц донел одлука да се испорачаат тенкови Леопард во Украина, објави Шпигел повикувајќи се на извори.
Станува збор за моделот Леопард 2А6, кој е дел од арсеналот на Бундесверот, се наведува во написот.
„Одлуката е донесена: Германија ќе и испорача борбени тенкови Леопард 2 на Украина“, наведува „Шигл“.
Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс, вчера изјави дека претпоставува дека наскоро од Германија може да се очекуваат вести за испорака на тенкови во Украина.
„Мојот впечаток по прегледувањето на насловите во медиумите е дека веројатно ќе слушнеме повеќе од сојузниците на Германија во наредните часови или денови“, изјави Прајс за новинарите.
Германија долго време се соочуваше со зголемен притисок да дозволи извоз на своите тенкови Леопард во Украина.
Украина долго време го повикува Западот да испрати тенкови за да им помогне на нејзините сили во борбата против Русија, а на врвот на листата на нивни желби е германскиот Леопард 2.
Леопард е германски главен борбен тенк, првпат претставен во 1979 година. Тенкот нуди добра заштита од противтенковско оружје. Се проценува дека модерниот Леопард 2 е способен да го пробие предниот оклоп на советскиот тенк Т-72 од далечина од 2.000 метри и оклопот на тенкот Т-62 од повеќе од 4.000 метри. И двата тенкови се користат од руската армија во Украина.
Актуелната верзија на овој борбен тенк е Леопард 2 A7, кој се испорачува од 2014 година. Германскиот производител Краус-Мафеи Вегман има произведено повеќе од 3.500 тенкови Леопард 2 од почетокот на производството во 1978 година.
Неговото главно оружје е топ со калибар од 120 мм. Според Бундесверот, тоа значи дека цели на неколку километри може да бидат погодени додека стојат или се движат. Неговиот максимален домет е пет километри.
Бундесверот вели дека предностите на леопардот лежат во комбинацијата на огнена моќ, оклопна заштита и мобилност. Брз е и може да достигне брзина до 70 километри на час. Има релативно економичен дизел мотор.