Бугарскиот амбасадор во Република Македонија, Ангел Ангелов ќе остане надвор од државата додека Софија не види знаци на промена. Цинично е да се разговара за проекти со РСМ додека Христијан Пендиков лежи во болница. Ова го изјави министерот за надворешни работи Николај Милков, пренесува БГНЕС.
Бугарија ќе ги прекине сите заеднички меѓудржавни проекти со Македонија поради претепувањето на Христијан Пендиков, најави Милков.
Тој денеска беше сослушан на седница на Комисијата за надворешна политика.
„Доколку РСМ продолжи вака да се однесува, можно е повторно да ставиме вето. Цинизам е да се разговара за проекти за еко-патеки со РСМ додека Пендиков е во болница“, рече Милков.
„Работите не можат да продолжат како што беа. Во моментов тоа не е продуктивен пристап. Мора јасно да се стави до знаење дека работите се сменија. Работите нема да продолжат, ќе разгледаме повеќе компоненти и елементи на нашата билатерална соработка со оваа наша соседна земја. Ако РСМ сака да продолжи по европскиот пат, мора да ги исполни своите обврски, Бугарија мора само да ја следи оваа реализација“, вели Милков и додаде дека биле отворени за дијалог со Македонија ако се разговара за проекти за заштита на Бугарите.