Битиќи: Секој човек има право на достојно живеалиште

Изградбата на станови за семејствата со ниски примања е дел од нашата мисија за заштита на правото секој човек да има достојно живеалиште, изјави денеска во Велес вицепремиерот за економски прашања ,Фатмир Битиќи на настанот на „Хабитат Македонија“ на кој се пушти во употреба зграда во населбата Хабитат во Велес, изградена во рамки на програмата за обезбедување на домови за семејства со ниски приходи.

Во својот говор пред присутните, вицепремиерот Битиќи изјави дека е горд за фактот што со неговата скромна волонтерска работа бил дел од изградбата на оваа станбена единица изградена со макотрпна работа на 1.727 меѓународни волонтери, од различни земји, со различно етничко и верско потекло.

Ова, нагласи вицепремиерот за економски прашања, само ја засилува мојата верба и ме прави поистраен во мојата мисија за изградба на еднакво општество за сите.

Advertisements

„Мисијата на Habitat for Humanity, а тоа е заштита на правото секој да има достојно живеалиште, ја дели и Владата. Во изминатите 4 години изградени се и во фаза на изградба се вкупно 864 станбени единици, кои се наменети за дом на деца без родители, лица приматели на гарантирана минимална помош, лица со попреченост и семејства со лица со попреченост, самохрани родители на малолетни деца, припадници на ромската заедница од социјален ризик, и лица погодени од елементарни непогоди. За оваа година, предвидени се 2,2 милиони евра за продолжување на изградба на социјалните станови во Бутел, Велес, Дебар, Пехчево, Сарај и Кочани”, рeче Битиќи.

Владата на Северна Македонија, изјави Битиќи, работи кон креирање на праведно и правично општество, преку намалување на социјалната нееднаквост.

„Наша обврска како влада е да обезбедиме хумани услови за лицата кои се соочуваат со економски потешкотии, да ги вклучиме во општествениот живот со тоа што ќе креираме систем кој ќе гарантира еднакви можности за сите”, додаде вицепремиерот Битиќи.