Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ ќе постави стража на гробот на Гоце Делчев на 4 февруари

По заседавањето на Централниот комитет на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ донесена e одлука да се организира целодневна стража на гробот на Гоце Делчев на 4 февруари, најави претседателот на институтот Александар Пандов.

„Патриотскиот Институт и целото раководство во пресрет на одбележување на родниот ден на македонскиот херој Гоце Делчев ќе организира херојска стража и ќе има целодневно присуство на гробот на Гоце Делчев, затоа што Гоце е Македонија. И ги повикуваме сите граѓани почитувачи на делото на Делчев да изразиме заедничка мирна и достоинствена почит кон великанот“, рече Пандов.

Тој информираше дека Централниот комитет на партискиот институт на ВМРО-ДПМНЕ донел четири заклучоци, поврани со моменталниот развој на политичките односи помеѓу Македонија и Бугарија.

Advertisements

„Го осудуваме шовинизмот и негаторските политики кои доаѓаат од Бугарија и се дополнително распламтувани од поединци од бугарската политика“, рече Пандов.

Тој упати отворен повик до Владата, како што рече, за поенергично реагирање во однос на негаторската политика и преземање на адекватни мерки кои ќе обезбедат почитување на нашиот идентитет и посебност.

„Секоја негација кон постоењето на македонскиот народ и неговите обележја треба да бидат проследени со протесна нота и реакција на македонските институции. Државата постои за народот, а не народот за државата. Наместо констатации, анализи и седење со скрстени раце на државниот врв кој кажа дека провокациите се дело на агентурни мрежи, да се преземат чекори на власта кои ќе значат спречување на туѓи пропаганди и агенди“, рече Пандов и упати повик за достоинствено поклонување на гробот на Гоце Делчев.