(ВИДЕО) Тревога во Пентагон – кинески шпионски балон лета над САД

Пентагон забележа балон за набљудување над северниот дел на САД и внимателно го следи, но Белата куќа ја советуваше војската да не започнува операција за соборување.

Балонот, за кој високи американски претставници велат дека и припаѓа на Кина, првпат бил забележан во средата.

Портпаролот на Пентагон, генерал Патрик Рајдер, објави дека американската влада открила и внимателно следи надгледувачки балон на голема височина во моментов над континенталниот дел на САД.

Advertisements

Последен пат беше потврдено дека балонот е забележан на небото над Билингс, Монтана, но неговата моментална локација не е откриена.

На состанокот во средата со кој претседаваше американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, највисоките воени претставници разговараа како да одговорат на балонот и ја информираа Белата куќа за неговата локација, уверувајќи ги дека тој не претставува закана за авионите поради неговата голема надморска височина.

Американската војска се уште ја разгледува опцијата за соборување на леталото.

„Во моментов проценуваме дека овој балон има ограничена вредност од перспектива на собирање разузнавачки информации надвор од она што Кина може да го направи со други средства“, рече висок претставник на американската одбрана на брифингот со новинарите.

„И покрај тоа, ги преземаме сите неопходни чекори за заштита од собирање чувствителни информации од страна на странски разузнавачки служби“, додаде тој.

Министерството за одбрана соопшти дека е уверено дека балонот и припаѓа на Кина, а американските власти се во комуникација со Пекинг бидејќи сите опции остануваат на маса во врска со следните чекори.

Пекинг не презеде одговорност за балонот. Инцидентот се случи неколку дена пред планираното патување на американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Пекинг, прва посета на Кина на високо ниво од 2020 година.