Покажавте како се чува безбедноста на граѓаните и државата – Македонскиот полициски синдикат им честита на колегите

Македонскиот полициски синдикат чиј претседател е Марјан Кицев упати честитки до македонската полиција која вчера будно го следеше чествувањето на 151 годишнина од раѓањето на великанот Гоце Делчев.  

„Во име на раководството и на бројното членство на МПС упатуваме честитки до сите припадници на полицијата кои вчера, за време на чествувањето на денот на раѓањето на македонскиот великан Гоце Делчев, најпрофесионално покажаа како се чува безбедноста на граѓаните и државата и беа на висина на своите задачи со што овозможија достојна реализација на планираните оперативни активности.

Свесни дека полициските активности вчера беа само финалната фаза, на која ѝ претходеа детални и активни подолготрајни подготовки и неколкудневна работа на терен, припадниците на полицијата од различни единици и служби, под раководство на Командно-оперативниот центар, покажаа како се функционира во еден здив, како се чува достоинството на државата и на професијата, што значи да си сервис на граѓаните.

Advertisements

Почитувани колеги и колешки, полициски службеници, МПС ви благодари што уште еднаш покажавте како дејствува високопрофесионална полиција, вистински гарант на редот, мирот и безбедноста“, се вели во соопштението на Македонскиот полицискиот синдикат.