Почина македонскиот виртуоз на хармоника Милан Завков на 61 година.
Завков беше врвен репродуктивец, солист на хармоника, композитор на популарна фолк музика и ора, аранжер и прв човек на многу оркестри, во текот на својата богата уметничка кариера.
Милан Завков е роден на 01 јули, 1962 година во Скопје, каде што ја има завршено и музичката академија.
Своите афинитети кон инструментот кој го прослави на сите четири страни од светот, Завков ги покажува уште на 8 годишна возраст, кога како подарок за својот роденден од својата тетка ја добива првата хармоника.
Од најраното дестство Завков бил опкружен со музика, покрај својата мајка, која беше меѓу првите интерпретатори на македонски песни на тогашното македонско радио и татко му, хармоникаш, еден од подобрите во тоа време во Македонија, па на некој начин може да се каже дека беше предодреден да и го посвети својот живот на музиката.
Првиот обид го имал на 14 години, кога бил дел од оркестарот на Ѓорѓи Димчевски во ансамблот „Млад Танец“.
Во раните години, Завков свирел во КУД „Мирче Ацев“. Во времето кога се запишал на студии, немало отсек за хармоника. Така, тој дипломирал на музичката академија во Скопје, а главен инструмент му бил контрабас. Со октетот „Македонија“ ја снимил својата прва плоча, во 1970 година со четири ора.
Работел заедно со саксофонистот Ферус Мустафов, и бил долгогодишен член на групата „Македонски мерак“, а подоцна и на дел од ансамблот „Танец“ како симбол на македонскиот традиционален фолклор.
Автор е на голем број песни, изведувани од страна на Виолета Томовска, Гоце Арнаудов, Благица Павловска, Ефто Пупиновски, Анета Мицевска, Ленче Кукиќ и Горан Кукиќ.