Дејвид Керик, еден од најголемите сексуални предатори во поновата британска историја, кој работел во лондонската полиција, денеска е осуден на доживотен затвор за десетици силувања и сексуална злоупотреба.
Керик (48) признал 85 сериозни прекршоци во текот на 17 годишниот терор и напади врз жени, пишува Гардијан.
„Ги искористивте жените на ужасен начин“, рече судијката Боби Чима-Граб додека ја читаше пресудата со која заврши случајот што ја влоши довербата во Скотланд Јард, која се оглуши на предупредувањата за нивниот вработен.
„Се однесуваше како да си недопирлив“ затоа што си припадник на полицијата“, додаде таа.
Во делот за обвинетите, Дејвид Керик (48) со затворени очи и наведната глава го слушаше изрекувањето на пресудата.
Нему му беше судено за најмалку 85 злосторства,кои се случиле помеѓу 2003 и 2020 година. Во тој период тој бил унапреден во елитната полициска единица во главниот град задолжена за заштита на парламентот и дипломатските претставништва. Полицијата и обвинителството, како што пренесуваат британските медиуми, велат дека Керик се обидел да доминира и да ги понижи своите жртви. Некои од нив голи ги заклучувал во шкафчиња под скалите од неговиот дом и неповратно им го уништил животот. Тој вербално ги малтретирал жените, нарекувајќи ја едната „своја робинка“ и употребувал сексуално насилство за да ги понижи, вклучително и уринирање на некои од нив.
„Гардијан“ пишува дека една од жртвите сведочела како полицаецот со огнено оружје и праќал селфи облечен во неговата униформа и го покажувал својот пиштол со кој ѝ се заканил дека ќе ја убие велејќи:„Можам да те убијам без да оставам докази. ”
Жртвата изјавила дека тој ја држел со полициските лисици и се фалел дека е моќен човек кој го чува премиерот. Жената рекла дека ја принудил да остане во врската со закана дека ќе ѝ подметне дрога во автомобилот по што и рекол „Кому ќе веруваат?
„Злосторствата на Дејвид Керик се дамка за нашите полициски сили“, реагираше преку соопштение министерката за внатрешни работи Суела Браверман, оддавајќи им почит на „храбрите“ жртви на Керик. „Во нашата полиција нема место за такво предаторско и грозоморно однесување“, истакна таа.
Полицијата девет пати пропуштила можност да го уапси овој сериски силувач кој 17 години работел во полиција. Тој на крајот беше уапсен во октомври 2021 година за првиот случај на силување, што ги поттикна и другите жени да го пријават.