Нов доверлив разузнавачки извештај стаса во Белата куќа за пандемијата на ковид-19

Министерството за енергетика на САД заклучи дека пандемијата „Ковид-19“ најверојатно била предизвикана од истекување на вирус од лабораторија, според доверливиот разузнавачки извештај доставен до Белата куќа и клучните членови на Конгресот.

Ваквиот пресврт во ставот на Министерството, кое претходно немаше децидно мислење по прашањето за појавата на вирусот, е забележлив во ревизијата на документот на директорот на Националната разузнавачка агенција, пренесува Волстрит журнал.

Новиот извештај покажува дека различни делови од разузнавачката заедница имаат различни мислења за потеклото на пандемијата. Сега, Министерството за енергетика се приклучи на Федералното биро за истраги (ФБИ), кое тврди дека вирусот најверојатно се проширил случајно од лабораторија во Кина.

Advertisements

Четири други агенции сè уште веруваат дека тоа е резултат на природен пренос, а две агенции се неодлучни.

Заклучокот на Министерството за енергетика е резултат на нови разузнавачки информации и е значаен бидејќи агенцијата има завидна научна експертиза и ја надгледува мрежата на американски национални лаборатории, од кои некои спроведуваат напредни биолошки истражувања, вели Волстрит журнал.

ФБИ претходно заклучи дека пандемијата најверојатно е предизвикана од истекување од лабораторија.

И покрај различните анализи, агенциите се согласуваат дека пандемијата „Ковид-19“ не е резултат на кинеската програма за биолошко оружје, велат луѓе запознаени со ревидираниот извештај.

Ковид 19 првпат се појави во Вухан, Кина во ноември 2019 година. Потеклото на пандемијата е предмет на жестока, а понекогаш и партиска дебата во академските, разузнавачките и политичките заедници.