(ВИДЕО) Неверојатна сцена на стадионот Бешикташ – навивачите го преплавија теренот со плишани играчки за децата

Најубавата сцена од спортските терени во Европа викендов доаѓа од стадионот Бешикташ во Истанбул, каде натпреварот го одиграа истоимената домашна екипа и Анталија (0:0), а го одбележаа навивачите.

Илјадници плишани играчки кои беа фрлени од трибините завршија на теренот и сите ќе им бидат поделени на децата од подрачјата погодени од земјотресот.

Навивачите на Бешикташ во секој случај се погрижија резултатот на овој натпревар да биде во втор план и направија феноменален потег.

Advertisements

Тие дефинитивно се победници, откако ја прекинаа играта за да испратат играчки за децата кои се во неволја поради земјотресот што се случи во Турција.

Турција се уште се бори со сите сили да се опорави од разорниот земјотрес во кој досега загинаа 44.000 луѓе во јужните региони на земјата, но и тој број на жртви не е конечен.

Во деновите веднаш по страшната катастрофа, од целиот свет почна да пристигнува помош за најзагрозените луѓе и деца, од кои многумина останаа без еден или двајцата родители, како и без цели семејства.