Пратеникот од редовите на СДСМ, Мартин Костовски пред два дена на својот Фејсбук профил објави дека од март годинава пензиите ќе се зголемат за 7 отсто.
Во отсуство на официјална потврда за процентот за кој ќе се зголемат пензиите врз основа на методолигијата за усогласување на пензиите со комбиниран модел од 50% пораст на просечната плата на сите вработени во државата и 50% пораст на трошоци на живот, согласно официјалните податоци на Државниот завод за статистика, може да се направи пресметка за тоа колку реално би се зголемиле пензиите доколку најавата на пратеникот Костовски биде и официјално потврдена и над 330 илјади пензионери добијат мартовската пензија повисока за 7 отсто.
Ако се земе износот на просечната пензија која е исплатена во декември 2022 година од 17.727 денари, согласно последните податоци објавени од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, тогаш доколку официјално биде потврдено зголемување на пензиите од 7 отсто, просечната пензија ќе се зголеми за најмалку 1.240 денари, односно ќе треба да изнесува најмалку 18.967 денари.
Највисоката пензија во државата во декември 2022 година изнесувала 64.394 денари, а корисници биле 74 пензионери. Оваа група на пензионери во март ќе добијат зголемување за 4.507 денари, односно пензиите ќе им изнесуваат најмалку 68.901 денари.
Додека пак, најсиромашните пензионери кои се вбројуваат во групата на минимални пензии во износ од 11.535 денари, а која ја примаат 45.977 пензионери, со мартовската пензија ќе добијат зголемување од околу 807 денари, односно пензијата ќе им изнесува 12.342 денари.
Следната група од пензионери со најниски пензии, се оние кои во декември минатата година земале пензија во износ од 12.193 денари, а нивниот број, согласно податоците од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, бил 17.515 пензионери. Оваа група се очекува да добие повисоки пензии за 853 денари, односно мартовската пензија да им изнесува 13.046 денари.