Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека Украина „долгорочно“ ќе стане членка на НАТО .
„Сојузниците во НАТО се согласија Украина да стане членка на нашата алијанса, но тоа е и долгорочна перспектива“, изјави Столтенберг за време на посетата на главниот град на Финска, Хелсинки.
Првиот човек на НАТО рече дека актуелното прашање е Украина да остане независна нација соочена со инвазијата на Русија.
Столтенберг зборуваше и за приемот на Шведска и Финска во алијансата и посочи дека има напредок во преговорите со Унгарија и Турција по ова прашање, но додаде дека не може да каже точен датум кога Шведска и Финска би можеле да станат членки.
„Време е да се ратификува договорот и да се поздрават како членки“, рече Столтенберг.
Тој рече дека е оптимист пред средбата меѓу Турција, Шведска и Финска во Брисел следната недела.
Столтенберг посочи дека Шведска и Финска го исполнија својот дел од договорот со Турција, што беше услов Ердоган да го „аминува“ пристапот на овие две земји во алијансата.
„Немаме точен датум, но се надеваме дека тоа ќе биде што е можно поскоро“, рече Столтенберг на прашањето кога Шведска и Финска ќе станат полноправни членки на НАТО.