Жители на скопската населба Тафталиџе деновиве се организираа за да фатат кршач на брисачи на автомобили, кој изминатиов месец во реонот околу Педагошки факултет секојдневно оштетувал возила.
„Прв пат кога забележав дека брисачот на задниот прозорец од автомобилот ми беше оштетен, помислив дека станува збор за некој случаен и ненамерен обид. Но, по санирањето на брисачот, по неколку дена целиот беше откорнат. Мислев дека е инцидентна појава, но по неколку дена забележав дека и други автомобили паркирани во близина на Педагошкиот факултет немаат брисачи на задните прозорци“, вели за Глаголица оштетен жител на Тафталиџе.
Граѓаните биле на мака речиси две недели. Автомобили со искршени брисачи можело да се забележат по паркинзите на зградите околу Педагошкиот факултет, кај Агенција за катастар на недвижности и во делот кај лабаротијата Авицена. Можело да се забележат и автомобили, поретко, и со искрешени ретровизори.
„Имајќи предвид дека во овој реон, поради Педагошкиот факултет и Агенцијата за катастар, голем број на граѓани кои не се жители на општина Карпош доаѓаат со автомобили и се паркираат овде, можеше да се забелажат оштетени автомобили кои не се во сопственост на жители на овој реон“, вели граѓанин кој живее во овој дел од општина Карпош.
Откако оштетувањето на автобилите станало масовно, дел од жителите пријавиле во полиција.
Од полицијата им рекле дека е мала веројатноста полициска патрола да го фати лицето кое ги оштетува автомобилите, па граѓаните добиле сугестија ако го затекнат на лице место, да пријават.
По ова жителите на една една од станбените згради во близина на Педагошкиот факултет, деновиве се организирале во вечерните часови да стражарат во групи на паркинзите околу факултетот.
Вчеравечер лицето кое ги кршело брисачите било забележано како оштетува повеќе автомобили, па влегло во една спортска кладилница. Веднаш биле повикани и другите станари пред кладилницата, каде што бил затечен возрасен маж од страна на оштетените жители на оваа скопска општина кои успеале да го задржат.
Веднаш била повикана полиција. Додека оштетените ја чекале полициската патрола, осомничениот не негирал дека ги крши брисачите на автомобилите на жителите на оваа скопска населеба, туку им раскажал дека такво нешто правел и кога се движел на Водно и низ други скопски населби.
Овој несовесен маж е приведен во полициската станица Карпош за понатамошно постапување.