УНИЦЕФ го суспендира Рамбо Амадеус – обвинет е за сексуално вознемирување

Лејла Кашиќ, продуцентка на емисијата „Дневник“ на Радио Телевизија на Црна Гора, го обвини Антони Пушиќ, попознат како Рамбо Амадеус, за сексуално вознемирување. Таа тоа го направи јавно преку социјалната мрежа „Инстаграм“, по што реагираа од УНИЦЕФ од каде го суспендираа како амбасадор на добра волја.

„Вчера на снимањето на епизода од „Дневник“ доживеав сексуално вознемирување од нашиот гостин, голем интелектуалец, регионално призната и влијателна личност, амбасадорот на добра волја на УНИЦЕФ, Антоније Пушиќ, попознат под псевдонимот Рамбо Амадеус“, напиша Лејла Кашиќ.

Advertisements

Во својата објава на Инстаграм, таа напиша и дека „страшно, опасно, проблематично е некој склон кон девијантно однесување преку вклучување во УНИЦЕФ да има пристап до најранливите категории на општеството“.

„Тоа е неприфатливо. Секако дека сум наречена луда и глупава. По вербалниот конфликт и крајот на се, добив порака која е само уште еден обид за манипулација, во која вели дека лошо сум го доживеала неговиот впечаток дека можеме да бидеме добри другари“, напиша Лејла Кашиќ.

Лејла Кашиќ во својата објава упати апел до сите жени да не молчат за сексуално вознемирување, како и да не се плашат од оние кои сакаат да ја искористат својата позиција на моќ.

Поради овие обвинувања се огласија со соопштение од УНИЦЕФ.

„УНИЦЕФ е запознаен со обвинувањата против Антоније Пушиќ. Неговиот ангажман со УНИЦЕФ е суспендиран за понатаму. УНИЦЕФ има политика на нулта толеранција кон каква било форма на сексуално несоодветно однесување, бидејќи тоа е во спротивност со основните вредности на УНИЦЕФ“, се вели во соопштението на УНИЦЕФ.