„Потонаа сите лаги на Артан Груби и Димитар Ковачевски за странски експерти при надзорот на градбата на Коридорите 8 и 10Д. „ИРД“ е само носител на Конзорциумот на хартија, а најголемиот дел од парите одат кај „Електра Солушн“ која вади лиценца во сред јавен повик и „Евро Консалтинг“ на бараниот со меѓународна потерница за криминал Бранимир Димитријевиќ“, изјави на денешната прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Стојаноски вели дека овие компании ќе „поделат 70% од парите за надзорот на изградбата на Коридорите 8 и 10Д“.
Тој посочи дека „Електра Солушн“ нема искуство во вршење на надзор, туку има искуство во производство на долна облека и дека таа ќе го врши надзорот на изградбата на Коридорите 8 и 10Д.
„Уште потрагично е што истава оваа фирма своето учество во тендерот го брани со тоа што била контактирана од меѓународни компании да учествуваат заедно на тендерот. Кои меѓународни компании ќе бараат фирма која се занимавала со производство на долна облека за учество на најголемиот тендер за надзор во Македонија? И како ја барале таа компанија која нема лиценца, а не барале фирми со децениско искуство? Оваа фирма „Електра Солушн“ ќе земе 8.2 милиони евра од тендерот од 22 милиони евра, а фирмата на криминалецот баран со меѓународна потерница Бранимир Димитријевиќ ќе наплати 7.1 милион евра. Вкупно овие две македонски фирми ќе наплатат 70% од сумата предвидена за надзорот“, рече Стојаноски.
Тој посочи дека 30%, 4.1 милиони ќе одат кај „ИРД“ од Италија, додека услугите на локалната канцеларија на „ИРД“ во Скопје ќе чинат околу 2.4 милиони евра.
„Носителот на Конзорциумот, „ИРД“, ќе наплати помалку пари од фирмата со искуство во производство на долна облека и фирмата на криминалецот баран со меѓународна потерница. Кинеската „Ептиса“ од овој тендер ќе наплати само 400.000 евра, па се поставува прашањето зошто истите се дел од Конзорциумот, или имаат за цел само да вршат увид над техниката и технологијата на американската „Бехтел“?“, Стојаноски.
Тој истакна дека само пет лица ангажирани од фирмите се странци, и тоа адвокат од Хрватска, двајца инженери од Србија и еден од Црна Гора, како и директорот на „ИРД“ кој го потпишал договорот.
„Толку од странци. И најголемиот дел од нив се ангажирани за преговарање, а не за надзор, за што ќе наплатат 300.000 евра поединечно. Додека директорот на „ИРД“ ќе наплати како хонорар 1.3 милиони евра. Напумпаните 22 милиони евра ќе се трошат на тешки награди и хонорари, а не на реални работи. Никакви меѓународни експерти не се во игра, туку шема која смрди на корупција“, рече Стојаноски.