Борците за заштита на правата на животните во Грција се на нозе да спасат од еутаназија бело тигарче кое било оставено под контејнер за ѓубре во Зоолошката градина во Атина, за кое се верува дека е жртва на нелегална трговија со диви животни.
Младенчето бил пронајдено на 28 февруари од чистачка, која го известила сопственикот на зоолошката градина. Од тој ден почнала неуморна битка на ветеринарите да се спаси несреќното тигарче.
Кога било пронајдено тигарчето било изнемоштено и дехидрирано и во тешка состојба.
„Кога првпат го видов младенчето, не можев да верувам што гледам пред мене, искрено не можев да верувам дека животното е во таква состојба“, изјавил ветеринарот од зоолошката градина.
Резултатите од испитувањата, како што јавуваат медиумите во Грција, ги потврдиле првичните проценки за сериозноста на неговата здравствена состојба, бидејќи се констатирани и генетски малформации и оние добиени од погрешен начин на одгледување. Младото тигарче се соочува со значителни проблеми во ‘рбетот, карлицата, ребрата, како и во многу коски кои во голема мера ја ограничуваат и ја прават неговата подвижност болна.
Во исто време, поради деформираниот скелет, некои органи се компресирани, што го отежнува дури и земањето храна или дишењето. Деталните медицински резултати се испратени до надлежните национални органи, до специјалниот научен комитет на EZA (Европска асоцијација на зоолошки градини и аквариуми), како и до специјалисти ветеринари во странство, кои се препорачани од организации како што се Born Free и Wild Cat Светилиште во САД.
Испратено е барање до Министерството за животна средина за формирање комисија со учество на специјализирани ветеринари и универзитетски професори со цел да се донесат побезбедни одлуки за понатамошната грижа за здравјето на тигарчето.
Истовремено, велат медиумите, се контактирало и со специјализиран спасувачки центар во Европа, во кој се сместени тигри и кој има намера да го преземе хендикепираното тигарче, доколку неговата здравствена состојба дозволува.
Тигарот не добил соодветна грижа и исхрана, поради што се соочува со сериозни, можеби неповратни, мускулно-скелетни или други здравствени проблеми.
Тој најверојатно е жртва на илегалната трговија со диви животни.
Во последните години и шверцот на диви животни и побарувачката за производите добиени од нив достигнаа невидени нивоа. Европската унија е клучна дестинација за производите од дивиот свет и крстопат за нивното движење во други региони, пишуваат грчките медиуми.