(ФОТО) По пет години реставраторски работи блесна првиот зачуван Зодијак во Египет

Египетско-германска експедиција го откри првиот целосно зачуван Зодијак на таванот на храмот во градот Есна, кој се наоѓа на западниот брег на реката Нил, 55 километри јужно од Луксор, соопшти Министерството за туризам и културни споменици. Обоените релјефи блеснаа по пет години реставраторски работи, при што беше отстранет слој од прашина и нечистотија.

Релјефот ги содржи дванаесетте хороскопски знаци и планетите Јупитер, Сатурн и Марс. Прикажани се божества, животни и суштества со магична моќ, како змија со глава на овен и птица со глава на крокодил, пишува БТА.

„Ова е првпат да ги видиме овие натписи и релјефи во храмот во Есна“, рече д-р Хишам ел Лејти, кој го предводеше проектот за реставрација на египетската страна. Според него, такво откритие немало во публикациите на францускиот египтолог Серж Сонерон, кој ги документирал релјефите во храмот во 1963 и 1975 година.

Advertisements

Зодијакот е дел од астрономијата на антички Вавилон, која најверојатно ја донеле Грците кои владееле со Египет во последните три века п.н.е., рече водачот на тимот Кристијан Лајц од Универзитетот во Тибинген, Германија.

И покрај популарноста на зодијакот во далечното минато, неговата слика е ретка во древните египетски храмови. Освен оној во Есна, познати се само двата зодијаци во храмот во Дендера (Дандара), од кои едниот е изнесен од Египет и се наоѓа во Лувр во Париз.

Храмот во Есна, посветен на богот на плодноста Кнум, датира од римскиот период. Неговата изградба започнала под царот Клавдиј, кој владеел од 41 до 54 година, а неговото украсување било завршено во времето на Декиј Трајан, кој го заземал тронот од 249 до 251 година.

Во 19 и 20 век, областа околу храмот била изградена и населена, а античката зграда била користена дури и како магацин за памук. Проектот за негова реставрација започна во 2018 година.