Ковачевски: Македонци има во Бугарија, им следува право слободно да ја изразат својата желба за самоопределување

Македонци има и во Бугарија и во Грција, ним им следуваат сите права што им следуваат на сите граѓани, бугарските власти да ги почитуваат одлуките на Судот за човекови права во Стразбур, изјави премиерот Димитар Ковачевски за неспроведувањето од страна на Софија на одлуките за почитување на правата на здружување на Македонците.

„Ние секогаш сме реагирале во однос на сите граѓани коишто во која било друга држава се самоопределуваат како Македонци. Македонци има во скоро сите држави во светот, како што има Македонци во САД, во Германија, во Швајцарија, така има Македонци и во Бугарија и во Грција, значи луѓе кои се определуваат како Македонци и ним им следуваат сите права што им следуваат на сите граѓани слободно да ја изразат својата желба за самоопределување. Постојат и пресуди на Судот за човекови права што Бугарија ги нема спроведено до денес и затоа ги повикувам уште еднаш бугарските власти согласно со одлуките на Судот, согласно со европските правни норми за заштита на малцинските права исто така и тие да постапат, бидејќи се работи за земја членка на ЕУ и тие граѓани кои се граѓани на Бугарија а кои се самоопределуваат како Македонци, во исто време се и граѓани на ЕУ, бидејќи да не заборавиме дека Бугарија е членка на ЕУ. Затоа уште еден повик од моја страна да бидат почитувани сите права, исто како што кај нас се почитуваат правата на сите етнички заедници и на секој поединец кој се самоопределил различно од Македонците или од другите кои се дел од нашето општество, рече Ковачевски денеска при посета на Клиниката за гастроентерохепатологија во одговор на новинарско прашање.