(ВИДЕО) Нетанјаху го разреши министерот за одбрана на Израел – илјадници луѓе излегоа на улиците

Илјадници Израелци излегоа на улиците во знак на протест откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го разреши министерот за одбрана Јоав Галант, кој ја повика владата да го прекине контроверзниот план за реформи во судството.

На снимката од телевизијата Ројтерс се гледа како илјадници граѓани го блокираат главниот автопат во Тел Авив, како и група демонстранти кои палат оган на средината на автопатот.

Галант во саботата ја повика владата да го запре усвојувањето на законите за промени во судството, велејќи дека жестокиот спор околу мерките е опасност за земјата.

Advertisements

Реформата во судството, предложена од министерот за правда Јарив Левин, ќе биде најрадикалната промена досега во израелскиот систем на владеење бидејќи ќе ги ограничи овластувањата на Врховниот суд, ќе и овозможи на владата да избира судии и ќе го прекине назначувањето правни советници во министерствата од страна на јавниот обвинител.

Нетанјаху, кому му се суди за корупција, тврди дека неговиот план за реформирање на судството ќе ја унапреди демократијата. Во Израел со месеци се одржуваат граѓански протести против најавената реформа.