СЕЧЕНО ЛЕПЕНО МОНТИРАНО Ковачевски го цензурира видеото со скопјанката од маркетот во Тафталиџе

Премиерот Димитар Ковачевски на Фејсбук вечерва објави промотивно, но сечено лепено и монтирано видео од денешното пазарење во маркет во скопската населба Тафталиџе.

Премиерот на социјалната мрежа ги објави само фалбите за мерките што ги презеде власта во однос на замрзнувањето на цените на некои прехранбени производи, иако тие мерки се задоцнети, но на видеото беше исечена (цензурирана) средбата со скопјанката која денеска ги собра сите аплаузи на социјалните мрежи, а која отворено му кажа на премиерот дека „цените се до плафон“ и дека „нема поевтинување“ за граѓаните кои не можат ни лекови да си купат.

„Ја намаливме и замрзнавме цената на белиот и полубелиот леб, како и на млечните производи и тестенините. Тоа го проследивме со одлука да ја замрзнеме цената на јајцата од кокошка и оризот. Овие мерки ги носиме во интерес на граѓаните и со цел да помогнеме секому. Го слушаме гласот на граѓаните и токму затоа не оставаме никој сам да се справува со светската економска криза. Сите заедно, со заеднички сили ќе ја надминеме полесно кризата. Го штитиме стандардот на граѓаните!“, пишува Ковачевски.

Иако Ковачевски се пофали дека власта го слуша „гласот на граѓаните“, но очигледно не сакаше другите да чујат што му порача скопјанката во скопскиот маркет.