Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски тврди дека професорот Мишко Ралев го прекршува Законот за високото образование оти извршува функција декан додека истовремено е член и на Извршниот одбор на СДСМ.
Тој, како што јави Макфакс, на Комисијата за надворешни работи посочил дека во ваков случај министерот за образование, Јетон Шаќири, може да донесе и одлука за затворање на високобразовната установа ако законитоста не се исправи.
„Пред два дена добив одговор од министерот за образование на мое прашање дали смее декан или продекан на факултет да биде член на политички орган на политичка партија. Одговорот на Јетон Шаќири е дека: „Во согласност со Законот за високото образование вршењето на должноста декан/продекан е неспојливо со вршење функција во политичка партија’. Но, како што гледаме, Мишко Ралев како декан на Факултетот за архитектура е член и на Извршниот одбор на СДСМ, орган на политичка партија. Според Статутот на СДСМ, член 33, пишува: Извршниот одбор е политичко-извршен одбор на партијата. Сметам дека со ваквото признание на министерот за образование, Мишко Ралев како декан го прекршува Законот за високото образование, каде што вршењето на функцијата декан е неспојливо со членување во орган на политичка партија“, посочи Милошоски.
Тој дополни дека ако се прекршува Законот за високото образование, министерот може привремено да ја затвори високообразовната установа – Факултетот за архитектура на Американ колеџ или да им даде рок незаконитоста да се исправи.