Под мотото „Правда за Јана – сите сме Јана“ на плоштадот „Магнолија“ во Битола почна протестот во знак на револт поради смртта на шестгодишното девојче кое почина минатата недела на детското одделение во битолската болница. Одговорност мора да има, порачаа граѓаните кои излегоа на битолскиот плоштад вечерва.
Тие со транспаренти го искажаа својот револт -„Уште колку здрави деца како Јана треба да умрат“,„Купена диплома слугува на народот“, „Немаме солзи да ви ги исплачиме гревовите“. Граѓаните побараа правда, но и да се открие вистинската причина за смртта на малата Јана
Контролата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат не најде грешки во лекувањето на Јана, но родителите се сомневаат дека е направена лекарска грешка.
Семејството во потресна изјава за Сител, раскажа што се случувало, откако малата Јана примила инфузија.
„Прво додека девојчето ја примаше инфузијата, си заспа, и се беше во ред. Му се врати бојата, и му се стоплија рацете, бидејќи претходно му беа ладни. Кога дојде инфузијата до пола, девојчето почна да се жали на болка во стомакот и во нозете. Станав да ја побарам докторката, сестрата ми рече дека докторката не е тука, дека работи. Ја викнав сестрата, таа рече дека е нормално да има грчеви, од што повраќала. И потече раката. Докторката и ја помести инфузијата на другата рака. Девојчето се тресеше од болки. Сестрата ни рече дека ќе дојде докторката, само да заврши работа. Девојчето цело време велеше дека има болки и не може да издржи повеќе, јас и ја држев раката, за да не се измести инфузијата. А докторката не дојде ни еднаш да праша како е Јана“, вели мајката.