Бугарите си ги покажаа нозете, односно змијата си ги покажа нозете уште со француско-бугарскиот договор. Почнаа да отвораат веднаш овде нивни здруженија со провокации, веднаш нивните разузнавачки служби почнаа да даваат пари за тие што ќе учат бугарски јазик, рече Стевчо Јакимовски, градоначалникот на општина Карпош во емисијата „10 Минути“ на ТВ21.
Тој додаде дека го поддржува лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, да ги издржи притисоците за внесување на Бугарите во Уставот, и покрај тоа што, како што рече, се на спротивставени страни.
„Тука сме апсолутно на исти страни, зошто најмалку се проблем Бугарите како нација, туку проблем се намерите“, рече Јакимовски во емисијата „10 Минути“.
Јакимовски изјави дека Бугарите има иредентистички намери кон Македонија и дека воопшто не се плашат да го кажат тоа.
„Тие не се срамат да кажат дека имаат иредентистички аспирации кон Македонија. Не се срамат тоа да го кажат во Европскиот парламент, во интервјуа, јавно. Пазете ја тезата „Един народ, две држави“, рече Јакимовски.