Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност бара да биде разрешена обвинителката Вилма Русковска поради, како што вели, сторена тешка дисциплинска повреда.
Ова барање како предлог ќе му биде доставено на Советот на јавни обвинители, а засегнатите имаат право на жалба пред Советот.
„За поранешната основна јавна обвинителка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е утврдено дека е одговорна за сторена тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за Јавното обвинителство и Комисијата одлучи да поднесе предлог за нејзино разрешување до Советот на јавните обвинители“, информира Јавното обвинителство.
Одлука е донесена и за обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифоска за кои исто така беше отворена постапка по претресот во Управата за финансиска полиција. За обвинителката Трајчева е утврдена тешка дисциплинска повреда, но и изречена мерка, намалена плата, а Јосифовска е ослободена од одговорност.
„За една од останатите две обвинителки е утврдена тешка дисциплинска повреда и е изречена мерка – намалување на месечната плата во висина од 30 отсто од исплатената нето-плата во траење од шест месеци, додека за другата Комисијата одлучила да ја ослободи од одговорност бидејќи не се докажало дека сторила тешка дисциплинска повреда“, информира Јавното обвинителство.
Инаку, како што е познато, дисциплинска постапка беше предложена од првиот човек на јавното обвинителство Љубомир Јовески.