Д-р Беќаровски ги повика лекарите и функционерите да го донираат покачувањето на платите во Фондот за ретки болести

Докторот Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија, на својот Фејсбук профил реагира по одлуката на Уставниот суд и најавеното зголемување на платите во здравството и на државните функционери и предлага тие пари да се донираат во Фондот за лечење ретки болести.

„Ајде заедно да направиме нешто добро. Почитувани колеги доктори и јавни функционери во Македонија, ајде сите заедно да го донираме последното покачување на платите од бруто 2.000 денари за лекарите и нето 78 % за функционерите во ФОНДОТ ЗА ЛЕЧЕЊЕ НА РЕТКИ БОЛЕСТИ. Така сите ќе ја докажеме нашата хуманост“, порачува д-р Беќаровски.

 Уставен суд одлучи да укине два члена од Законот за плати и надоместоци на функционерите, па така платите на сите заменици министри, градоначалници, директори во државни фирми и агенции, како и на сите судии меѓу кои и тие од Уставниот суд им се зголемуваат за речиси 78 отсто.

Здравствените работици неодамна побараа зголемување на платите. Тие бараа медицинските сестри да добијат покачување од 3.000 денари бруто и 2.000 за другиот персонал, јавната администрација, помошниците на техничкиот персонал и лекарите. Покачувањето се очекува да важи од март.