Новиот директор на МЖ Транспорт АД Скопје е искусен долгогодишен келнер, велат од ВМРО-ДПМНЕ и прашуваат кое образование го има завршено Зуљхајрат Демири за да биде на оваа позиција.
„Кога сме кај новиот директор Зуљхајрат Демири, трагајќи по неговата професионалната биографија која патем ја нема на официјалната веб страна на МЖ Транспорт, на социјалната мрежа фејсбук може да се најдат фотографии од 2017 година по кои може да се заклучи дека бил ангажиран во светот на угостителството“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму додаваат дека недостасуваат во јавноста информации за неговата стручна способност.
„Се прашуваме кое образование, кои обуки, која стручна подготовка ја завршил и со што заслужил Зуљхајрат Демири да биде директор на Македонски Железници Транспорт? Поради ваквиот однос кон железниците во Македонија имаме целосен распад на железничкиот систем. Затоа се потребни избори и промена на оваа расипничка антимакедонска и антиевропска власт“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Опозициската партија посочува дека оваа директорска позиција е резервирана за помалите албански партии, со цел вработување на партиски кадри.
„Како што влегуваат и излегуваат помалите албански партии во Влада, така им се дава местото директор на МЖ Транспорт АД. Очигледно дека оваа позиција е резервирана за нив, со цел нови партиски вработувања со кои се надеваат дека ќе го подигнат нивниот партиски рејтинг. Колку што можевме да изброиме ова е 7-ми по ред директор, во изминативе 7 години. Значи секоја година претпријатието си добива нов директор. Секој од нив, освен што го задолжува претпријатието и што вработува партиски несоодветни кадри, апсолутно ништо не прави“, велат од ВМРО-ДПМНЕ и нагласуваат дека тоа е концептот на СДСМ и ДУИ за железниците во Македонија.
„Поради штрајк на вработените веќе четири дена возовите не возат, а никого мува не го лази. Ниту новиот директор излегол да објасни што се случува, ниту пак министерот Бочварски се засекирал. Се наближува 9 април јубилејот од 150 години железници во Македонија, а возови по пругите нема“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.