Африм Гаши е избран за претседател на Собранието

 Со 76 гласа „за“ и шест „против“ Африм Гаши е избран за претседател на Собранието. Со неговиот избор и давањето на свечената заклетва заврши конститутивната седница на Собранието. За новата функција Гаши беше предложен со потписи од 75 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата „Вреди“ и Движењето ЗНАМ – „За наша Македонија“.

Претходно Изет Меџити од коалицијата „Вреди“ рече дека Африм Гаши е кандидат кој има големо искуство во Собранието и дека ги исполнува сите услови да биде нов собраниски спикер.

Advertisements

-Осум години односно три мандати е пратеник. Се работи за политичар кој не се споменува во случаи за корупција и затоа е чест Собранието да го води ваков политичар, рече Меџити.

Амар Мециновиќ од Левица, пак, рече дека токму Гаши ја спаси минатата влада да не падне и сега го крунисува тоа со нова функција, а во последните 100 дена ќе биде и премиер.

-Ова не е единствен пример сите рецидиви од претходната влада ВМРО-ДПМНЕ ќе ги собере за да владее, рече Мециновиќ и додаде дека секаде во околините земји Собранието го водат кадри на доминантните партии со најмногу мандати.