Во 35 години немав земено еден ден боледување, минатата недела имав такви притисоци, што морав да се тргнам малку и да земам боледување, кое денеска го прекинав поради ова, рече професорот д-р Сашко Јовев, кој вчера беше разрешен од директорското место на Кардиохирургија, а денеска пред клиниката беше пречекан со аплауз и овации од негови колеги и пациенти кои дојдоа да му изразат поддршка.
„Очекував ваква поддршка, знам што правам цел живот и што правиме сите тука 24 часа дневно. Ова е само дел од поддршката, не сакаме да прерасне ова во нешто друго и да се исполитизра. Ова е мојот тим кој прави чуда и не спие 24 часа, овде се некои од нашите пациенти врз кои се направени операции. Се јавија околу 1.300 пензионери, пациенти и поддржувачи, им рековме да не доаѓаат“, додаде професорот Јовев.
Тој објасни дека министерот за здравство, Фатмир Миџити, го сменил поради некаква протоколарна грешка за настан што го организирала Клиниката.
„Имав притисоци дека сум направил грешка, дека грешката е во самиот протокол при еден прекрасен настан во саботата кога отворивме нова хибридна сала, единствена во регионот, кога го пуштивме во употреба апаратот што одржува во живот човек без срце и бели дробови цели три месеци. Тогаш се случи уредно да бидат поканети сите, министерот за здравство не дојде оти смета дека доцна му била дадена поканата, дека премиерот ја добил малку порано. Јас тука не можев да се мешам, па се најдов во средината и на крајот да излезам жртва. Не излегов јас само жртва, излезе жртва Кардихирургија“, изјави д-р Јовев.
Тој ги повика министерот и владата да ја преиспитаат одлуката за разрешувањето, а политиката да се тргне настрана.
„Овој тим е пример за вистински мултиетнички колектив. Го повикуваме уште еднаш министерот и Владата да ја преиспитаат одлуката за разрешување, цврсто стоиме на ставот дека тимот кој победува не се менува, да ја оставиме политиката на страна и да ги оставиме професионалнците да си ја вршат работата. Успесите на оваа клиника се и државни успеси. Сакам да кажам дека на оваа клиника се работи 24/7. Една од замерките е дека некој не се откуцал со картичка оти бил расипан апаратот и сме немале време да го поправиме. Па ако колегите се откуцуваат колку што работат, нема да можеме да ги платиме“, рече Јовев.
Министерот за здравство Фатмир Меџити тврди дека апсолутно не стои политика зад разрешувањето на директорот Јовев и дека секаде каде што има злоупотреби ќе има и санкции.
„Во оваа држава мора да победи правдата, не сакаме политика, се бориме за професионалност, за она што се жртвуваме целиот овој тим“, порача д-р Јовев.
Во нашава земја само успехот не се простува, додаде професорот и рече дека со ваквите постапки се праќаат лоши пораки за младите.
„Со ова им даваме пример на младите дека ако се учи, создава, ако се сака земјата, ако се биде бескрајно пожртвуван за пациентите, ако се опреми клиниката како најмодерните светски клиники, не чини, туку дека треба да ги напуштиме клиниката и земјата“, изјави професорот д-р Јовев.