Албанците имаат легитимно право да отворат широка дебата меѓу Албанците за ново државно уредување и сами да одредат како и каде сакаат да живеат, порача пратеникот Блерим Беџети од ДУИ и ја обвини Владата дека не го почитува Охридскиот договор, но и дека го блокира процесот на евроинтеграција, пренесуваат медиуми на албански јазик.
-Во државата навистина имаме сериозен проблем и ги поканувам и македонското население, но и Албанците, доколку е потребно, да разговараме за тоа како го читаме и како го разбираме Охридскиот договор. Ќе бидете сведоци дека целта на сите овие акции и политички притисоци е за ова и за процесот на интеграција, а доколку нема договор, Албанците имаат легитимно право да бараат ново државно уредување и сами да одредат како и каде сакаат да живеат – рече Беџети.
Генералниот совет на ДУИ свикана од лидерот Али Ахмети синоќа дискутирал за политичката состојба во земјава и било посочено дека постојат тенденции за нарушување на Охридскиот мировен договор, што би довело до последици за стабилноста на земјата.
„Бараме од иницијаторите и спроведувачите на овие дејствија да се повлечат од истите и да се продолжи со целосно почитување на Охридскиот мировен договор, како единствен пат кон стабилност и напредок на земјата кон целосно членство во Европска Унија“, соопшти ДУИ.


