Јас од моите обврски не бегам, ниту смеам, ниту можам, ниту сакам и тоа ќе го барам од сите вас, порача вечерва претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски од трибината „Силно и одлучно кон иднината“, која се одржа во Скопје , притоа најавувајќи дека од своите јавни функции ќе се разделат сите кои ги заборавиле своите обврски кон граѓаните.
„Тие што нашите обврски кон граѓаните ги заборавиле или не ги исполнуваат, одговорно ви велам дека ќе им се заблагодариме.
Ниту имаме можност, ниту смееме, ниту ќе дозволам толеранција кон неефикасност, неспособност, нечесност. Јавно кажувам. Мора да има ред, знаење и работа. Мора да има дисциплина“ истакна Ковачевски.
Лидерот на СДСМ додаде дека нема намера заради малкумина да дозволи да се загрози се што имаат направено за државата.
„Немам намера, заради малкумина, да загрозиме се што е направено, се што треба да се направи за оваа држава и народ и да оставиме простор на популисти и лажни патриоти, кои би продале сѐ, би сториле сѐ и би растуриле сѐ за пари и фотелји“, порача Ковачевски.
Тој во своето обраќање најави дека од своите сопратијци ќе бара поголема солидарност, сплотеност и одговорност.
„Јас ќе водам. И ќе барам поголема солидарност, сплотеност, одговорност. Од сите. За сите такви има место во СДСМ. СДСМ и е потребен на државата! За да служи, за да исполни, за да реализира победи и успеси на нацијата“ порача претседателот на СДСМ, Ковачевски.