Мисајловски: Безбедносната состојба во Македонија е стабилна

Министерот за одбрана Владо Мисајловски изјави дека безбедносната состојба во Северна Македонија е стабилна и дека институциите внимателно ја следат состојбата во регионот и пошироко, особено поради актуелните геополитички случувања.

Тој рече дека земјата е во постојана координација со сојузниците на НАТО и дека безбедносните служби редовно разменуваат информации со земјите-партнери. Според него, во моментов нема индикации за закана по безбедноста на земјата и дека институциите остануваат будни и подготвени да реагираат доколку се појават ризици.

„Членството во НАТО е важен фактор за стабилноста и безбедноста на Македонија. Алијансата обезбедува механизми за колективна одбрана, но и подобра координација во соочувањето со современите безбедносни предизвици“, нагласи Мисајловски за време на неговото учество во емисијата „За или против“.

Тој додаде дека земјата работи на зајакнување на одбранбените капацитети и модернизирање на Армијата, што е дел од пошироката стратегија за зајакнување на безбедноста.