Пендаровски очекува да се постигне цензусот на 8 мај и да се случи пресврт

Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски вечерва во интервју за телевизија Алсат истакна дека е можен пресврт во вториот круг на изборите на 8 мај, бидејќи како што рече, убеден е дека мнозинството од граѓаните во Македонија ќе го поддржат концептот кој го застапувал и во изминатите пет години како претседател, односно концепт на заедништво, почит кон луѓето кои обединуваат, реализација на стратешките интереси за државата, подобар живот, демократија и почитување на човековите слободи и права.

„Ќе се обраќам на сите гласачи, на сите етнички заедници. И гласачите на албанските политички партии и гласачите на ЗНАМ и на сите други, и на овие две други политички партии кои имаа кандидати, а испаднаа во првиот круг. Меѓутоа како на граѓани. Нема да се обраќам и нема да правам заткулисни некои лидерски преговори или под маса, да ми дадете вие толку гласови, оние толку гласови. Јавно, транспарентно им кажувам на сите – ова е мојот концепт, јас се залагам за ова и мојот концепт е драстично различен од концептот кој го нуди Гордана Силјановска Давкова. Тоа мислам и кај многу Македонци и кај многу Албанци ќе значи. Но, повторувам – се обраќав до сега и ќе се обраќам од сега на граѓаните, независно за кого гласале во првиот круг и независно на која етничка заедница припаѓаат“, потенцираше Пендаровски.

Advertisements

Во интервјуто тој се осврна и на повиците од ВМРО – ДПМНЕ за бојкот на вториот круг од претседателските избори, истакнувајќи дека со бојкот не се решава проблемот и не се победува, напротив со бојкот се губи.

„Очекувам да се постигне цензусот, особено зошто имаме двојни избори, многу луѓе ќе излегуваат и да поддржат некои од политичките партии, има многу партиски листи. Сите кои ме поддржаа во првиот круг, 15 политички партии и оние од кои очекувам поддршка во вториот изборен круг никогаш нема од мене да слушнат, ниту досега, ниту од сега, да се бојкотираат изборите. Конечно, клучното прашање е што добивате со бојкот на изборите. Тоа не значи дека воопшто ќе немате претседател на државата. Тоа ќе значи дека за месец ипол два, повторно ќе одиме на избори. И тогаш ако нема, ќе одиме трет пат, четврти. Државата мора да ја има пополнето највисоката политичка, државна функција“, подвлече Пендаровски.