Таравари ќе се сретне со Агелер, ќе се одлучува – Влез во Владата или предвремени избори!?

Одлуката дали ќе почнеме формални преговори за влез во Владата, многу ќе зависи и од средбата на Таравари со американската амбасадорка Агелер, вели за „Слободен печат“ висок функционер од Алијанса.

Алијанса за Албанците викендов ќе решава дали ќе почнат формални преговори за влез во Владата, во спротивно излез се предвремени парламентарни избори. Пред состанокот на Централното собрание, претседателот на Алијанса Арбен Таравари ќе има средба со амбасадорката на САД Анџела Агелер, што во партијата се толкува за клучно каде ќе натежне одлуката.

Advertisements

Претходно Таравари најави дека постои можноста за влез на неговата партија во владиното мнозинство бидејќи тоа го бара меѓународниот фактор но и доколку граѓаните го побараат тоа од нив.

Тој во гостување на ТВ21 рече дека во моментов конкретна понуда нема но посочи дека доколку не станат дел од Владата тогаш ќе се оди на избори, а доколку се случи тоа може да победат анти – европски партии, а тоа ќе значи кочење на процесот на евроинтеграциите на земјава.

„Ако не станеме дел од Владата, тогаш одиме на избори. Нема друго решение. Сепак, приоритет за нас се уставните измени и затоа сме спремни да станеме дел од Владата за да го помогнеме процесот“, рече Таравари, во  гостување на ТВ21.