Иран почна да им наплаќа на бродовите за минување низ Ормутскиот теснец, еден од клучните светски транспортни правци за нафта и гас. Дел од комерцијалните бродови сè повеќе минуваат низ иранските територијални води преку таканаречениот „Техерански коридор за патарина“, каде што иранските сили ги проверуваат бродовите и во некои случаи наплаќаат за премин, според анализата на поморските податоци објавена од „Лојдс лист“ .
„Најмалку два брода му платиле на Иран за безбеден премин, при што еден надомест изнесува околу 2 милиони долари“, се вели во анализата. Рутата е помеѓу иранските острови Кешм и Ларак, која бродовите ја користат за да влезат во иранските води за да избегнат безбедносни ризици во остатокот од теснецот.
Според достапните податоци, повеќе од 20 големи бродови досега поминале низ коридорот. Сообраќајот низ Ормутскиот теснец останува намален поради конфликтите во регионот, но во последните денови бележи мало закрепнување. Најмалку 16 бродови поминале низ теснецот за краток временски период.


