Германска компанија го тужи Газпром поради неиспорачување на гас

Германската енергетска компанија „Унипер“ објави дека ја тужела руската компанија „Газпром“ за отштета поради неиспорака на договорените количини природен гас од јуни, кога државната компанија на Русија почна да ги намалува испораките, а потоа целосно да ги стопира на крајот на август.

Како што соопштуваат од Унипер, постапката против „Газпром Експорт“ е покрената пред меѓународниот арбитражен трибунал во Стокхолм. Според Унипер, трошоците за замена на гасот што Русија досега требаше да и го испорача на Германија изнесуваат најмалку 11,6 милијарди евра, а овие трошоци ќе продолжат да се зголемуваат до крајот на 2024 година.

Advertisements

„Газпром“ почна да го намалува снабдувањето со гас за Германија преку подводниот гасовод „Северен тек“ во средината на јуни, наведувајќи ги наводните технички проблеми. Берлин го отфрли ова објаснување, оценувајќи го како параван за политичката одлука на Москва, чија цел е зголемување на цените и создавање неизвесност.

На крајот на август престанаа сите испораки на руски гас за Германија, која ја поддржува Украина во војната меѓу таа земја и Русија, а војната започна на 24 февруари со руската инвазија.