Командант на воздухопловните сили на Иранската револуционерна гарда најави дека Иран во текот на ноќта ќе лансира повеќе ракети кон Израел.
„Од овој момент, ја прогласувам ракетната доминација на синовите на Иран над небото на окупираните територии“, објави командантот Сејед Маџид Мусави на социјалната мрежа Икс.
Тој додаде дека „новите тактики и системи за лансирање“ ќе ги шокираат САД и Израел.
Околу 20 лица се повредени во напад со балистичка ракета врз градот Димона во јужен Израел, соопшти Израелската служба за итни случаи.
Службата „Маген Дејвид Адом“ преку Телеграм објави дека нивните болничари лекуваат 10-годишно момче и 40-годишна жена кои се здобиле со умерени повреди од шрапнели. Помош им е укажана и на други повредени лица на местото на нападот.
Димона е град на југот на Израел, каде што се наоѓа главната нуклеарна централа на земјата. Објектот во Димона, е изграден во 60-тите години на минатиот век со помош на Франција. Се верува дека произведува плутониум за непријавена програма за нуклеарно оружје, чиј арсенал се проценува на 80 до 400 боеви глави.
ОБНОВЕНО
Во иранскиот ракетен напад врз Димона, град во јужен Израел, се повредени 47 лица, кои се хоспитализирани.
Израелската служба за итни случаи „Маген Давид Адом“ соопшти дека повеќето од повредите се предизвикани од шрапнели.
Меѓу повредените има 10-годишно момче кое е во тешка состојба и 30-годишна жена која се здобила со повреди од стаклени парчиња. Другите повреди се полесни. Димона се наоѓа на околу 13 километри од Центарот за нуклеарни истражувања Негев.



