Уште една земја го повлече признавањето на самопрогласената независност на Косово, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ по серијата билатерални средби на Минхенската безбедносна конференција.
Тој беше прашан која е добрата вест што ја најавил, а рече дека има уште една нота за повлекување на признавањето, но дека договорот е да се чека десет дена, а потоа да се објави нејзиното име.
– Имавме многу добри разговори со британските и грчките пријатели, но и со Германците, Французите и Американците. Клучни теми беа Косово и Метохија, но и други политички и економски. Ги застапувавме интересите на Србија. Ниту имаше епохална вест, ниту може да има денес, по 15 години од едностраното прогласување на независноста на Косово. Наидовме на почит кај сите, па и кај американските претставници, кога зборувавме за ЗСО, сите знаат кои линии не сака да ги помине Србија. Имаме уште една нота за повлекување на признавањето на Косово. Тоа би била 27-ма или 28-ма земја што ќе го повлече признавањето, бидејќи не сме сигурни за една земја. Разговаравме и за таа средба на 27 февруари. Добро е што дојдовме овде денес. Ние не сме Дедо Мраз кој треба да носи подароци во куќата, наша задача е да постигнеме најдобри можни економски резултати. Не можете да потпишете нешто пред десет години и потоа да кажете дека „Вучиќ сака кафе, но без шолја“, рече Вучиќ.
Тој, како што известија српските медиуми, се сретнал со светски претставници, меѓу кои министерот за надворешни работи на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска Џејмс Клеверли, премиерот на Република Грција Киријакос Мицотакис и високиот претставник на ЕУ за Надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.
Вучиќ на Минхенската безбедносна конференција се сретнал и со претседателот на Република Франција, Емануел Макрон и со канцеларот на Сојузна Република Германија, Олаф Шолц, а потоа и со државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Ентони Блинкен. .
Вучиќ по средбите им се обрати на медиумите велејќи дека средбите биле добри и многу важни.
„Речиси во сите разговори клучна тема беше разговорот за Приштина“, рече Вучиќ и додаде дека смета дека интересите на Србија се добро застапени.