(ВИДЕО) Нов инцидент на Косово – специјалци пукале во возило со Срби, еден е ранет

Канцеларијата на Владата на Србија за Косово соопшти дека припадници на специјалната косовска полиција РОСУ пукале во возило на мостот Бистрица ,на автопатот Митровица – Лепосавиќ, при што е повредено едно лице, од српска националност.

Полицијата го потврди инцидентот, наведувајќи дека возилото удрило во полицискиот пункт.

Advertisements

„Милјан Д. е ранет, додека неговиот совозач Душан С. за среќа помина без повреди, додека целиот автомобил бил изрешетан“, соопшти Канцеларијата, обвинувајќи ја косовската полиција за напад на Србија.

Ранетиот од престрелката со возило на брза помош од Лепосавиќ е префрлен во болницата во Краљево. Од болницата соопштуваат дека пациентот е стабилен.

„Околу 14 часот, со возило на Брза помош од Лепосавиќ е донесен 37-годишен пациент со прострелна рана во левиот граден кош, кој освен шок-состојба во моментов е без симптоми опасни по живот, но има сериозна физичка повреда. По дополнителна дијагностика, ќе биде сместен на интензивна нега и ќе се направи примарно лекување на раните и се друго што е потребно според нашите протоколи“, изјави докторот од болницата Зоран Мевиќ, пренесe Радио телевизија на Србија.

Според она што го соопштија од косовската полиција, тие се обиделе да легитимизираат возило кое не застанало, туку удрило во полициската станица, загрозувајќи ги животите на полициските службеници.

Тензиите на северот на Косово меѓу локалното српско население и косовската влада траат од крајот на минатата година, додека Западот се обидува да поттикне дијалог.

Во ноември 2022 година, претставниците на Србите ги напуштија државните институции, вклучително и полицијата и судството, поради одлуката на косовската влада да ги замени српските таблички на автомобили со косовски.

Поранешен полицаец, косовски Србин, беше уапсен на 10 декември поради напад на полицаец. Неговото апсење предизвика насилни протести на српското малцинство во Косово.

Малку подоцна двајца млади Срби на југот на Косово се повредени кога кон нив било пукано од автомобил во движење.