Војната не оди во посакувана насока: Подготвена „Ноева арка“ за евакуација на Путин!?

Поранешниот помошник на Владимир Путин и пишувач на неговите говори Абас Гаљамов, тврди дека рускиот претседател и неговите најблиски соработници и сојузници веќе имаат подготвено план за бегство, кој би бил спроведен доколку работите тргнат во непосакувана насока за нив. Гаљамов, кој воедно е политички аналитичар, ова го напиша во средата на неговиот канал на „Телеграм“, цитирајќи анонимен извор за кој рече дека има инсајдерски информации, пренесува „Њусвик“.

Подготовката на планот за евакуација наводно почнала пролетта, а целата операција неофицијално била наречена „Ноева арка“.

Advertisements

„Како што сугерира името, тоа е потрага по нова земја во која претседателот на Русија би побегнал во случај ситуацијата дома да стане непријатна за него. Соработниците на Путин не ја исклучија можноста тој да ја загуби војната, да биде сменет од власт и потоа итно евакуиран“, пишува Гаљамов.

Тој тврди дека на почетокот бил разгледуван план за евакуација во Кина, но подоцна бил напуштен поради страв дека шансите за соработка со Кинезите се мали, со оглед на тоа што тие „ги презираат губитниците“. Затоа, Аргентина и Венецуела почнаа да се разгледуваат како потенцијални опции, а сојузникот на Путин, Игор Сечин, беше задолжен да го надгледува планот за евакуација во Венецуела.

Доказ дека спроведувањето на планот е далеку напреднато е фактот што Сечин „официјално поднесе оставка“ од нафтениот гигант Роснефт, за да може целосно да се посвети на подготовката на планот за евакуација, додава Гаљамов. Телеграмскиот канал „Можем Објаснит“ објави и дека високи руски функционери почнале да купуваат недвижен имот и да работат на добивање дозвола за престој во Венецуела.

Извор беше цитиран дека руските официјални лица купуваат имот на островот Маргарита во Венецуела, претпоставувајќи дека ќе бидат безбедни од екстрадиција таму.

„Островот Маргарита во Венецуела е нивниот локален Куршевел“, вели изворот, споредувајќи го потенцијалното скривалиште на Кремљ со познато скијачко одморалиште на француските Алпи.

Во исто време, пониски членови на претседателската администрација и руската влада, наводно, бараат престој во Еквадор, Парагвај и Аргентина. Гаљамов е убеден дека самото постоење на планот за евакуација покажува дека сè не оди според планот за Кремљ, иако руското раководство се обидува да ја убеди јавноста во спротивното, пишува „Дејли Бист“.