Ценовен плафон од 60 долари за руската нафта

Стапи на сила ограничувањето на цената на руската нафта од 60 долари за барел, што беше договорено од ЕУ, групата Г7 и Австралија. Воедно, на сила стапува и ембаргото на руска нафта во ЕУ, со неколку исклучоци кои се однесуваат на Унгарија, Словачка и Чешка, кои се особено зависни од руската нафта, а поради нивната географска локација и неможноста да го заменат овој увоз за кратко време.

Одлуката за ограничување на цената на руската нафта на 60 долари за барел овозможува таа да се продава на трети земји користејќи танкери од земји на Г7 и ЕУ, нивните осигурителни компании и кредитни институции, но само ако нафтата се продава под 60 долари.

Бидејќи клучните светски транспортни и осигурителни компании се лоцирани во земјите на Г7, ограничувањето на цената може да биде отежнителна околност за Москва да продава нафта за повисока цена. Реакцијата на Русија во однос на ограничувањето е дека нема да ја почитува одлуката, дури и ако треба да го намали производството.

Advertisements

„Работиме на механизми за забрана на употребата на инструментот за ограничување на цените, без оглед на нивото на кое е поставено, бидејќи таквото мешање може дополнително да го дестабилизира пазарот“, реагираше Александар Новак, потпретседателот на руската влада задолжен за енергетика.

Украина, пак, повика на уште поголемо намалување на граничната цена за руската нафта, односно дека треба да се продава по 30 долари за барел. Но, воздржаниот одговор на западните земји на барањето на Украина доаѓа од стравувањата дека премногу ниската цена може да доведе до тоа Русија да ја повлече суровата нафта од пазарот, што ќе предизвика голем скок на цените на енергенсот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата рече дека ограничувањето на цената на руската нафта на 60 долари не е сериозно и тешко дека ќе ја одврати Русија од војната во Украина.

Зеленски се пожали дека светот покажал слабост поставувајќи ја границата на 60 долари, што, според него, ќе го зголеми буџетот на Русија за 100 милијарди долари годишно.

„Овие пари ќе одат за дестабилизација токму на оние земји кои во моментов се обидуваат да избегнат сериозни одлуки“, рече Зеленски.

Ограничувањето на цената на руската нафта најавено е дека ќе се разгледува од страна на ЕУ и Г7 на секои два месеци.

Ембаргото на ЕУ за увоз на руска нафта беше договорено во јуни како дел од пакетот санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина, а истот ќе стапи на сила за два месеци, односно на 5 февруари наредната година.