Откако Игор Пехчевски кој боледува од цистична фиброза на социјалните мрежи објави дека му биле вршени притисоци и предвреме било побарано да ја прекине хоспитализацијата на Универзитетската клиника за детски болести д-р Стојка Фуштиќ, директорка на клиниката во изјава за Телма тврди дека Игор никој не го бркал од болницата, ниту пак му се заканувала.
Директорката вели дека на пациентот му било понудено да биде со своето семејство за Велигден, но откако тој тоа го одбил му било кажано дека може да остане до вторник.
Таа вели дека целиот негов револт е поради тоа што не влегол во листата на првите 12 пациенти кои добиле терапија со лекот „трикафта“.
Според Д-р Фуштиќ неговата здравствена состојба не е толку лоша и може да се одржува стабилна со венската антибиотска терапија додека се чека да пристигне лекот за сите пациенти заболени од цистична фиброза.