Мајката на момчето кое уби деветмина негови врсници и чуварот на основното училиште „Владислав Рибникар“ во Србија во средата беше сослушана во полиција и во таа прилика детално ја раскажала својата верзија за приказната за детството на нејзиниот син, неговото здравје, односот со врсниците, семејните односи, пишува српскиот портал Блиц.
Taa ги и опишала и неговите денови пред масовното убиство, на 3 мај, но и како изгледало утрото кога момче со пиштолите на татко му и молотовите коктели влегло во „Владислав Рибникар“ да сее смрт.
Мајката на момчето беше сослушана откако Првото основно јавно обвинителство во Белград по службена должност нареди да се утврди дали го запуштила или малтретирала нејзиниот син пред тој да го изврши масакрот во училиштето.
Како што дознава „Блиц“, мајката на момчето низ солзи рекла дека ништо не и укажувало на тоа дека нејзиниот син може да стане масовен убиец. Сега останува на обвинителството да открие колкава вистина има во нејзините зборови во продолжението на истрагата.
Според извор на „Блиц“ , мајката на Коста.К раскажала како нејзиниот син бил надвор од градот со другар пред злосторството. Таму заедно го поминале 1 мај, по што се вратиле во Белград. Таа тврди дека не забележала промени во неговото однесување.
Ден подоцна, на 2 мај, момчето и неговата сестра не отишле на училиште и отишле кај бабата и дедото, а вечерта се вратиле и заедно гледале филм.
Како што дознава „Блиц“, мајката рекла дека на кобниот 3 мај станала прва да им направи појадок на момчето и неговата сестра. Нејзиниот сопруг отишол на работа, по што таа ги разбудила децата. Тврди дека и тогаш не забележала ништо чудно во однесувањето на нејзиниот син, освен што бил успорен за време на појадокот и при подготвувањето.
„Момчето наводно и рекло на мајка си да не се грижи, бидејќи учителката може да доцни. Мајката тврди дека потоа отишла да ја однесе ќерка си на училиште, а момчето останало дома и самото се спремило“, вели изворот на „Блиц“ запознаен со случајот.
Еден час подоцна мајката слушнала за пукањето во училиштето. Таа во полиција изјавила дека мислела оти нејзиниот син е ранет во пукотницата и веднаш отишла во училиштето каде ја дознала вистината.
„Мајката вели дека била вознемирена, дека сè уште и е тешко да поверува дека нејзиниот син го направил ова и инсистира дека ништо не укажувало дека вакво нешто можело да се случи“, вели изворот на „Блиц“.
Целиот напис на „Блиц“ може да го прочитате тука.