Хаосот со пасошите беше една од темите во емисијата „Вин-Вин“„ на ТВ Телма во која гости беа Илија Димовски и Петре Шилегов.
Ви пренесуваме дел од жестоката дебата во која Шилегов обвини дека ВМРО-ДПМНЕ се лицемерни за проблемот којшто го имаат граѓаните со вадењето пасоши.
– Јован Јаулевски, Тони Јаревски, Александар Велјановски, Мирче Аџиески, Александар Николовски, Драган Ковачки, Иванка Василевска, Миле Левков, Бојан Стојановски, Тони Јаревски, сите овие пратеници на ДПМНЕ извадиле дипломатски пасоши со новото уставно име на државата Република Северна Македонија. Во исто време кога лажно ронат солзи за граѓаните за себе и за своите членови на семејството обезбедуваат пасоши со новото уставно име Северна Македонија. ДПМНЕ ја злоупотребува маката на луѓето, рече Шилегов.
На ова возврати Димовски кој рече дека вината за хаосот со пасошите е во раководството на СДСМ и доскорешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски:
„Сакаш да ми кажеш дека не е проблем тоа што 600.000 луѓе ги заглавивте во државава и вие не сте криви вклучително и ти лично како член на раководството на СДСМ, криви се пет десет пратеници кои искористеле законско право за патна исправа, дека тие се криви. Не е крив Оливер Спасовски, твој другар кој што не нарачал доволно формулари крив е некој пратеник од Тетово“, му одговори Димовски
„Тајм аут“ „Полека“, Не викај, додаде Шилегов.
„Немој да ми викаш тајм аут, тајм аут можеш кај тебе во партија“, рече Димовски.