(ВИДЕО) „Ова ќе биде влада за народот! Доаѓа нова генерација“ – премиерот Мицкоски вети дека ќе биде многу подобро

Собранието вечерва со 77 гласа „за“ и 22 гласа „против“ ја избра новата Влада чиј претседател е Христијан Мицкоски. Владината коалиција ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, партиите од коалицијата Вреди и ЗНАМ.

Против Владата гласаа пратениците од СДСМ и Левица, а Европскит фронт ја напушти седницата кратко пред нејзиното завршување.

Пред гласањето Мицкоски рече дека нападите што ги слуша овие два дена се сведуваат на две тези – Преспанскиот договор и Францускиот предлог.

Advertisements

„Луѓето што ме знаат, знаат дека мојот збор планини тежи и овие работи што ви ги кажувам ги кажувам затоа што верувам во тоа и да ќе ја кажам срамната придавка пред заклетвата затоа што тоа мене лично ме потсетува на срамот што и го нанесовте на мојата татковина, на моето семејство и моите неродени внуци и на тие по нив. И да ќе правам се додека сум жив политички и како човек се што е во моја моќ оваа неправда да ја исправам, за жал во овој момент сум немоќен и во овој момент и јас како човек ќе морам да капитулирам пред вас и да ја кажам таа срамна придавка затоа што таа за жал е дел од законот и Уставот што морам како претседател на владата да ги почитувам. Ќе видите што значи работа за својот народ и што е мојата борба“, рече Мицкоски.

Тој повтори дека бугарски диктат додека тој е премиер нема да помине и уставни измени нема да има.

Мојата борба ќе биде секој ден, да не ги разочарам граѓаните. Она што го ветувам е дека нема да се откажам, рече Мицкоски.

Тој вети дека во првите сто дена тој и неговиот тим  ќе ги подигнат стандардите и ќе спроведат нови проекти и инвестиции.

„Макотрпно ќе работиме, ќе се грижиме, државата ќе се менува“, рече Мицкоски најавувајќи намалување на даноци, зголемени пензии, проект од 250 милиони евра за општините, нови странски инвестиции, фронт против корупцијата.

Во новата влада има вкупно 20 министерства, а Владата брои 24 члена.

Покрај премиерот, има уште 23 вицепремиери и министри, од кои 20 со ресор. Мицкоски има пет заменици односно вицепремиери, а еден од нив ќе биде „прв вицепремиер“. Во владиниот кабинет, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.

Министер за внатрешни работи е Панче Тошковски, за одбрана Владо Мисајловски, за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцуски, за финансии Гордана Кочоска Димитриеска, заменик претседател на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, за информатичко општество и дигитална трансформација Стефан Андоновски, министер за локална самоуправа Златко Перински.

Министерка во новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини е Сања Божиновска, во земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, министерка за образование и наука е Весна Јаневска, министер за култура и туризам е Зоран Љутков, а министер за спорт Борко Ристовски.

Љупчо Димовски е вицепремиер и министер за политички систем, а Иван Стоиљковиќ, вицепремиер задолжен за односи со заедниците, додека Шабан Салиу е министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите. Министер за животна средина и просторно планирање и заменик претседател на Владата е Изет Меџити, министер без ресор и заменик претседател на Владата задолжен за добро владеење е Арбен Фетаи, министер за здравство Арбен Таравари, Орхан Муртезани е избран за министер за европски прашања, додека за министер за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, а министер за економија е Бесар Дурмиши. 

Игор Филков е новиот министер за правда, а Горан Минчев за министер за јавна администрација.