Факултетот за општествени апликативни студии (ФУДШ) сè појасно и посилно се етаблира како значаен центар за современи општествени науки, кој привлекува студенти од цела Европа, со особено силно изразен интерес од Северна Македонија. Во текот на минатата академска година, дури 66 студенти од Северна Македонија го избраа овој факултет како своја образовна дестинација, потврдувајќи го растечкото уверување во квалитетот на словенечкиот високошколски систем.
Најголем дел од нив, 44 студенти, се запишаа на магистерската програма „Медиуми и новинарство“, 6 се одлучија за „Интеркултурен менаџмент“, 5 ја продолжија својата академска патека на докторските студии по „Стратешка комуникација и менаџмент“, додека 10 студенти се приклучија на универзитетската додипломска програма по „Социјален менаџмент“. Еден студент беше запишан и на стручната високообразовна програма во истата област. Во тековната година, своите студии успешно ги завршија петмина студенти од Северна Македонија, меѓу кои и двајца со докторска диплома, што зборува за високото ниво на академска посветеност и резултати.
Една од причините за зголемената привлечност на Словенија како студиска дестинација е можноста за бесплатни студии, овозможена преку билатералниот договор меѓу двете држави. На овој начин, македонските студенти студираат под исти услови како домашните, што претставува силна поддршка за нивниот образовен развој.
ФУДШ не се потпира само на својот академски углед, факултетот е проактивен во промоцијата на своите програми преку презентации во средните училишта низ Северна Македонија, медиумски настапи, учество на саеми за образование, како и преку соработка со поранешни студенти. Така се гради препознатливост и цврста врска со идните генерации академски граѓани.
Академски дом за амбициозните умови
ФУДШ нуди разновидни и современи академски програми, дизајнирани да одговорат на потребите на денешното општество и пазар на труд. Во рамки на додипломските студии, студентите можат да изберат меѓу три насоки: Психосоцијална поддршка, насочена кон развој на емпатија и практични вештини за работа со луѓе во чувствителни животни ситуации; Медиуми и новинарство, програма што ги подготвува идните комуникатори и новинари да дејствуваат одговорно и критички во дигиталното време и Социјален менаџмент, кој ги обликува идните генерации менаџери во јавниот и невладиниот сектор, со акцент на социјална одговорност и иновативност.
На вториот циклус, односно магистерските студии, ФУДШ нуди специјализирани програми како што се Психосоцијално советување, со две насоки – општа и фокусирана на спортот – кои ја нагласуваат важноста на менталното здравје и поддршката во различни животни контексти. Интеркултурниот менаџмент овозможува разбирање и менаџирање на различности во глобализиран свет, додека Стратешката комуникација подготвува професионалци кои ќе знаат како да комуницираат ефективно, транспарентно и влијателно во различни сфери на општественото дејствување.
Докторските студии на ФУДШ ја отвораат вратата кон длабинско научно истражување и стручна експертиза. Програмата по Социологија и психосоцијални студии овозможува фокус на социолошки анализи и критички опсервации на современите општества, додека докторските студии по Менаџмент и стратегиска комуникација ги подготвуваат истражувачите и лидерите на иднината преку две насоки – менаџмент и комуникација – со силен акцент на стратегија, интегритет и одржливост.
Една од највредните предности за студентите од Македонија е можноста да студираат бесплатно на ФУДШ. Благодарение на билатералниот договор меѓу Словенија и Македонија, достапни се бесплатни студии на две додипломски програми – Медиуми и новинарство и Социјален менаџмент, како и на две магистерски програми – Интеркултурен менаџмент и Медиуми и новинарство. Со ова, студентите добиваат целосна академска рамноправност со домашните студенти, а високото образование станува не само квалитетно, туку и финансиски достапно. Токму оваа отвореност и инклузивност го прават ФУДШ привлечен избор за сè поголем број млади од регионот.
Од студентка до координаторка: искуството на Миа Кениг
Миа Кениг, студентка на магистерски студии по Интеркултурен менаџмент на ФУДШ, во 2023 година се преселила од Македонија во Словенија со цел да добие квалитетно образование. Но, како што самата вели, не добила само знаење, туку и нов поглед кон академскиот свет. „Веднаш ја почувствував разликата, предавањата се динамични, професорите не се тука само за да предаваат, туку активно не вклучуваат во разговори, дебати и анализи,“ објаснува таа. Според Миа, наставата на ФУДШ се одвива со користење современи методи и технологија, што овозможува многу попрактично и ангажирано учење.
Училниците се модерно опремени, со паметни табли и опција за следење на часовите преку Zoom, што на студентите им дава флексибилност и дополнителна удобност. „Најчесто, нема потреба од купување учебници. Сите материјали ги добиваме преку Moodle, што е од голема корист,“ додава Миа. Таа посебно го истакнува и пристапот на професорите кон студентите. „Комуникацијата е едноставна и непосредна. Професорите се достапни, брзи во одговорите и секогаш отворени за консултации.“
Искуството не завршува тука. Благодарение на студентскиот сервис за вработување, Миа успеала да се вработи токму на својот факултет. Денес е дел од административниот тим како Координаторка за меѓународни студенти, позиција која ѝ овозможува дополнително практично искуство и вмрежување. „Факултетот не наликува на она што го познаваме од минатото. Нема стари амфитеатри, туку модерни, удобни простори кои поттикнуваат инспирација и учење,“ заклучува таа.
ФУДШ, кој го носи мотото „Поврзување на знаењето, луѓето и вредностите за подобро утре“ останува посветен на својата визија за квалитетно образование и интернационална соработка – особено со студентите од Западен Балкан.