Почетокот на градбата на катната гаража во Охрид претставува непосреден резултат од законските измени воведени на почетокот на актуелната Влада, со што се поедноставија процедурите за реализација на проекти за изградба на образовни установи, здравствени центри, детски градинки, здравствени амбуланти и катни гаражи. Ова го истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска од Охрид.
Тој, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, симболично го означија стартот на градежните работи за катната гаража.
Инвестицијата изнесува приближно 2 милиони евра, финансирани од владиниот проект за поддршка на општините. Предвидено е катната гаража да обезбеди околу 200 паркинг места и да биде пуштена во употреба следната летна сезона.
– Искрено сум задоволен што започнуваме со реализација на овој проект. За претходната влада, ова беше проект кој тие сметаа дека не може да се изведе. Особено ме радува фактот што заедно со градоначалникот и премиерот успеавме да го донесеме моментот кога денеска започнува реализацијата. Законските измени што ги спроведовме на почетокот од овој владин мандат, еве веќе го гледаме нивниот позитивен ефект. Веднаш по изборот на оваа Влада, ги поедноставивме постапките за изградба на училишта, болници, градинки, амбуланти и катни гаражи, и ова е првиот конкретен пример.
Исто така, морам да потенцирам дека едно од клучните предизвици е вклопувањето во три различни видови на заштита. Првата е општата заштита на УНЕСКО, втората е заштитата на културното наследство и третата е архитектонската заштита. Сите овие аспекти беа усогласени со поддршка од Општината, Заводот и музеј Охрид, Министерството за култура и сите релевантни институции. Конечно, Министерството за транспорт успеа да ја издаде градежната дозвола, имајќи предвид дека станува збор за објект кој е под директна надлежност на државата.
Финансирањето, како што спомена градоначалникот, е обезбедено од буџетските средства и сум убеден дека со посветената работа на градоначалникот, следната летна сезона овде ќе можат да паркираат и туристите, но и жителите на Охрид. Ова ќе ослободи поголем простор и ќе придонесе за поголема живост во чаршијата, што секако ќе донесе економски придобивки за сите охриѓани. Продолжуваме да ја поддржуваме општината, имаме и други значајни проекти кои се во тек и заедно со градоначалникот и неговиот тим ќе продолжиме да работиме, изјави вицепремиерот Николоски.
Градоначалникот Пецаков, пак, најави нови иницијативи за развој на Охрид. Тој нагласи дека вкупните заеднички инвестиции на општината и владата достигнуваат 15 милиони евра.



