Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, во гостување на Македонско радио 1 оцени дека Македонија денес е побезбедна и економски постабилна држава во споредба со периодот пред две години.
Тој посочи дека актуелната власт постигнува резултати во областа на економијата, безбедноста, борбата против криминалот и корупцијата, како и во меѓународните активности поврзани со европската интеграција на земјата.
„Македонија е посигурна откако ја преземавме власта. Имаме економски раст од над 3 проценти во последните седум квартали, додека во претходниот период годишниот раст изнесуваше околу 1,1 процент“, истакна Ковачки.
Тој нагласи дека во изминатиот период пред институциите биле изведени повеќе лица од високи општествени и политички структури, меѓу кои, како што наведе, и припадници на судството, обвинителството и поранешни функционери.
Во однос на евроинтегративниот процес, Ковачки оцени дека земјата наследила сложени предизвици, но дека Владата работи на изнаоѓање решение кое, според него, нема да задира во македонскиот идентитет и ќе го продолжи патот кон Европската Унија.
Тој додаде дека во тек се интензивни дипломатски активности со европски лидери и претставници на Европската Унија, а ВМРО-ДПМНЕ, како дел од Европската народна партија (ЕПП), ги презентира своите ставови на меѓународните форуми.
„Најважно од сè е да се кажува и да се говори македонската вистина“, порача Ковачки.



