Во Македонија, 80 отсто од анкетираните очекуваат 2023 да биде полоша или иста како претходната година. Над половина (57 проценти) очекуваат година на економски потешкотии но, на личен план речиси половината се изјасниле дека се чувствуваат среќно, покажуваат резултати од најновото истражување на очекувањата на јавноста за иднината низ целиот свет на меѓународната асоцијација „Галуп интернешенел“.
„Новата 2023 пристигнува со прилично песимистички очекувања. Помалку од една третина (31 отсто) од испитаниците веруваат дека 2023 година ќе биде подобра од 2022 година. Спротивното мислење го делат 34 отсто, а 27 проценти веруваат дека 2023 година ќе биде иста како претходната. Резултатите покажуваат поголем песимизам во споредба со минатите години и сликата сега е слична на ставовите од крајот на 2008 година, која беше година со најголем песимизам во светот во новиот век“, покажуваат наодите од истражувањето.
Како што покажуваат резултатите од очекувањата на јавноста, најоптимистични за иднината се луѓето во Нигерија, Пакистан, Казахстан, Филипини и Индија. На крајот од оваа година топ 5-те песимистички земји се европски – Полска, Чешка, Србија, Франција и Италија.
Традиционално според резултатите, Русија е прилично на песимистичката страна. Годинава 22% од испитаниците рекле дека се оптимисти за иднината, 36% сепак се песимисти дека 2023 година ќе биде подобра од 2022 година и 20% се неутрални во нивните очекувања, останатите не знаат.
Во САД, од друга страна, има драматично поместување кон песимизам во последните неколку години. Оптимистите денес за подобра нова година се уште се повеќе од песимистите – 37% очекуваат 2023 да биде подобра од 2022 година, а 27% се подготвени за полоша година. Неутралните се речиси третина од испитаниците и 6% не можат да формираат мислење. Минатата година оптимистите во САД беа 40%, а песимистите – 19%. Во 2020 година 59% од Американците очекуваа подобра година, а 16% беа песимисти.
Во Северна Македонија на прашањето: “Што се однесува до Вас, дали сметате дека 2023 година ќе биде подобра, полоша или иста со 2022 година?”, 14% од анкетираните граѓани се изјасниле дека ќе биде подобра, 44% рекле дека ќе биде полоша, 36% дека ќе биде иста како 2022, а 6% не знаеле/немале одговор.
Очекувањата за економијата, се посочува, исто така, покажуваат постојан раст на загриженоста. Сега 21% од луѓето очекуваат економски просперитет за нивната земја во годината што доаѓа, речиси половина (48%) се подготвени за економски тешкотии и четвртина сметаат дека 2023 година ќе биде иста како 2022 година. Останатите не можат да проценат.