Привршуваат подготовките за одбележување на најмасовната црковно -културна манифестација посветена на празникот Богојавление- Водици во Охрид. На денешниот координативен состанок организацискиот одбор ги разгледа сите детали што се однесуваат на чествувањето, информира општината Охрид.
„ Доколку дозволат временските услови Светиот крст во водите на Охридското Езеро ќе биде положен во 10 часот од колцето на градското пристаниште. Но доколку дува силен ветар како што најавуваат метеролозите положувањето на крстот ќе биде од бродот „АРМАДА“ кој заедно со бродот „Македонија“ ќе бидат закотвени на пристаниште. Останатите пловни објекти се веќе дислоцирани од тој простор. На 19-ти јануари (четврток), богослужбите во охридските парохиски цркви ќе започнат во 7 часот наутро. За црковниот дел на настанот е задолжена Дебарско – кичевската епархија при МПЦ , а позади целосната организација на граѓанскиот дел со пропратната програма застанува Општина Охрид“, информира општина Охрид.
Капачите кои сакаат да бидат дел од настанот, своето учество можат да го пријават во сите парохиски цркви во градов најдоцна до 18-ти јануари (среда) до доцните попладневни часови.
На 19-ти јануари паркирањето во Охрид ќе биде бесплатно но ќе биде забрането паркирање на возила на улицата „Македонски Просветители“ од WAIKIKI до плоштадот „Св. Климент Охридски“
По чинот на Богојавленскиот водосвет, со почеток во 12 часот на градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ предвидена е забавна програма за посетителите, со концерт на групата „Чалгија саунд систем“. Во организација на Црвен Крст истиот ден од 9 до 15 часот ќе се одржи традиционалната крводарителска акција во Центарот за култура „Григор Прличев.
По повод пазникот викендов охридските нуркачи го исчистија дното од Охридското Езеро на просторот каде ќе се спроведе положувањето на Светиот крст, а се спроведоа активности за уредување на пристаништето и крајбрежниот дел на Охридското Езеро.
Се очекува традиционалното фрлање на Светиот крст во водите на Охридското Езеро да го проследат илјадници верници.