Мајк Тајсон, поранешниот светски боксерски првак во тешка категорија се соочи со уште едно обвинение дека силувал жена на почетокот на 90-те години, пишуваат американските медиуми.
Станува збор за тужба која во текот на месецов во Њујорк ја поднела жена која не сака во јавноста да биде откриен нејзиниот идентитет, а бара отштетата од пет милиони долари за претрпена „физичка, психичка и емоционална болка“.
Жртвата тврди дека Тајсон ја силувал во лимузина, откако го сретнала во ноќен клуб во Њујорк.
Жената изјавила пред истражните органи дека тоа се случило на почетокот на 90-те години од минатиот век, приближно во ист период кога и Дезајр Вашингтон тврдеше дека Тајсон ја силувал во Индијанаполис.